Со полна пареа се работи на преадаптацијата на дел од училишните простории во простории за згрижување на деца од предучилишна возраст во населбата Три Чешми.

Владините препораки и мерки за работа го успорија предвидениот тек на градежни активности но сепак очекувањата се дека градинката во оваа приградска населба ќе почне со работа веќе од септември, вели в.д директорката на штипската градинка Вера Циривири Трена, Ивана Ангеличкова.

  • Согласно протоколите од министерството за здравство и министерството за труд и социјална политика имаше мало прекинување на работата, меѓутоа моментално се работи во полн ек. Се надеваме дека ќе биде завршено до крајот на август, но има работи кои не зависат од нас ниту од човечките фактори, тековно со работењето се средуваат сите предизвици со кои се соочуваме, нагласува Ангеличкова.

Откако ќе се заврши со градежните работи треба да помине и комисија од ресорното министерство за труд и социјала, за официјално да се добие дозвола за пуштање во употреба на оваа градинка, додава Ангеличкова.

Таа истакнува дека во меѓувреме започнато е пријавувањето на децата кои би биле дел од оваа хетерогена група во населбата Три Чешми, за што ги повикува родителите да ги запишуваат своите деца навремено, без да стравуваат дека истите ќе бидат отпишани од градинката која ја посетувале до тогаш и дека ќе останат не згрижени.

  • Доколку некои од децата од споменатата населба веќе се згрижени во некоја од другите градинки во градот, не значи дека ќе бидат отпишани. Родителите треба да знаат дека со тоа што ќе потполнат барање не значи дека ќе им се отпишат децата од другата група. Значи децата никако нема да бидат отпишани се до моментот на официјалното отварање на самата занимална во населбата Три Чешми, затоа ги повикувам родителите навремено односно до крајот на овој месец да ги пријавуваат своите деца во управата на градинката, апелира директорката Ангеличкова.

Некаде околу 28 деца би требало да брои новоформираната група во населбата Три Чешми според претходно спроведената анкета помеѓу жителите на оваа населба, но според зборовите на директорката до сега бројот на пријавени деца за оваа група е далеку помал.