Пред нешто помалку од месец дена, Општина Карбинци започна со работа на еден од најголемите капитални проекти, дел од предизборните ветувања на градоначалникот Виктор Паунов.

Станува збор за реконструкција и доградба на подрачното основно училиште во с. Таринци, старо повеќе од половина век кое веќе подолго време е руинирано и со несоодветни услови, проект вреден 15 милиони денари, од кои 11 се обезбедени од Министерството за локална самоуправа , а 4 милиони од општината,  вели градоначалникот Паунов.

  • Се работи за голем капитален проект кој што е со вредност од 15 милиони денари. Исклучително сум задоволен затоа што една мала општина како Карбинци успеа да започне да реализира еден ваков голем капитален проект кој што е од суштинско значење за населението овде, рече Паунов.

Единствено со подобрување на условите за живот и со подобрување на инфраструктурата може да се спречат младите да заминуваат од помалите општини, истакна градоначалникот Паунов.

  • Така можеме да ја планираме иднината и да ги задржиме младите. Да им понудиме услови како што доликува во едно модерно време, во 21 век, така да детската градинка Кокичиња за кратко време ќе започне да се доградува, обезбедивме проект и финансии за проширување на градинката за уште 50 дечиња, додава градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој заедно со градоначалникот Паунов беше денес во увид на градежните активности во с.Таринци, го нагласи своето задоволство од работењето на општината, чиј градоначалник е од редовите на најголемата опозициска партија.

Тој додаде дека секогаш е чест и задоволство да се биде дел од нешто што се гради а е во насока на подобрување на иднината на најмладите.

  • Карбинци е, би рекол помала општина кога станува збор за бројот на жители, но навистина се прават исклучително големи работи кои навистина многу значат за луѓето овдека, само така ги охрабрувам да продолжат затоа што на тој начин ќе ја вратиме довербата кај граѓаните, рече Мицкоски.

Mицкоски истакна дека се очекува училиштето да биде готово до почетокот на училишната година, односно до први септември, кога некаде околу 50тина ученици кои го посетуваат ова училиште ќе добијат сосема нова зграда со европски услови за учење и образување.

Градежната офанзива во Општина Карбинци продолжува, а според зборовите на градоначалникот Паунов, паралелно со оваа активност се работи и на три спортски терени, односно на едно спортско игралиште и две помали детски игралишта, кој што се предмет на целосна реконструкција и обнова.