Богата културно-уметничка програма со спектакуларно отварање, најави градоначалникот Јорданов за 38 издание на ШКЛ

Со спектакуларен концерт на ЗЏМ Оркестар, утре во Дом на млади најавен е стартот на 38 издание на една од најстарите културни манифестации во регионот, Штипско културно лето.

Според предвидената програма, штипјани во текот на наредните триесетина дена ќе имаат ретка можност да уживаат во богатата културно – уметничка понуда од изложби, промоции, концерти и кино проекции.

И оваа година со финансиска поддршка од 600,000 денари , општината е целосен покровител на случувањата, рече градоначалникот Иван Јорданов додавајќи дека најголем дел од настаните годинава ќе се случуваат на реновираната сцена во ОУК Дом на млади, а како новитет е тоа што за прв пат и салата на мултимедијалниот центар Киро Глигоров ќе биде дел од штипското културно лето.

Запрашан за реакциите кои дел од советниците во Советот на општината во изминатиот период ги упатија на сметка на тоа што скоро половина од вкупниот буџет на ШКЛ ќе биде потрошен за отварањето на манифестацијата , Јорданов истакна дека на сите уметници ќе им бидат исплатени симболични суми и ова е еден исчекор кон тоа да имаме богата програма а во исто време и да се задржи буџетот кој што со години наназад го имаме.

  • Отварањето мора да биде спектакуларно, да привлече најмногу внимание. Станува збор за еден реномиран оркестар, така што неблагодарно од моја страна е и од било која, да се коментира дали одредени уметници заслужуваат таков износ на средства или не, потенцираше градоначалникот Јорданов.

Настапот на ЗЏМ Оркестар се случува за прв пат во Штип, а на утрешното отварање членовите на оркестарот ќе исполнуваат македонски евергрин теми, најави директорот на Дом на млади Видан Лазаров, нагласувајќи дека отварањето ќе биде од отворен карактер со слободен влез за сите заинтересирани.

Специфично е тоа што нема да биде само класична биг бенд формација туку ќе има и гудачи, вели  диригентот на ЗЏМ Оркестар, Џијан Емин, истакнувајќи дека идејата за концертот произлегла од македонската забавна музика создавана во текот на шеесетите и раните седумдесети години.

  • Дојдовме до идеја да избереме некои 15-16 композиции кои што во изминатите педесетина години имаат оставено траен белег на македонската музичка сцена, периодот кога македонската забавна музика беше на едно повисоко интелектуално ниво, рече диригентот Емин.

Како вокални солисти на концертот ќе настапат Џон Илија Апелгрин, Андријана Јаневска и Светлана Јовановска.

На спектакуларното отварање во Дом на млади утревечер, му претходи отварањето на ликовната изложба во уметничката галерија Безистен, каде ќе бидат претставени делата од уметникот Драган Гелев. Истата ќе биде од донаторски карактер, што значи дека сликите ќе можат да се купат, а сите средства кои ќе се соберат ќе бидат донирани на фондацијата Симеон Василев.