Општината со конкретен предлог до централната власт ќе ја решава судбината на затворениот базен во Штип

Обраснат во трева, тешко достапен и далеку од функционален, повеќе од 2,5 години тапка во место изградбата на објектот кој требаше да биде затворен базен во Штип.

Со промената на локалната власт запреа било какви градежни активности на овој објект, чија изградба е во надлежност на Агенцијата за млади и спорт, а на кој досега се инвестирани некаде околу милион евра вели сегашниот градоначалник на Општина Штип Иван Јорданов.

Жалосно и нечовечки е тоа што градот Штип и неговите жители, политички се казнети од страна на централната власт, истакнува Јорданов додавајќи дека токму поради тоа општината излегува со свој предлог и решение, како и на кој начин да се доврши изградбата и Штип конечно да го добие долгонајавуваниот затворен базен.

  • Штета е овој објект да остане вака поради политички калкулации на штета на граѓаните на Општина Штип, па затоа даваме предлог до Агенцијата за млади и спорт и до Владата, да ни дозволат ние како општина да ја довршиме изградбата на затворениот базен и да го пуштиме во употреба, а во интерес на граѓаните на општина Штип е да се доврши објектот на кој веќе се потрошени скоро еден милион евра, рече Јорданов.

Тој саркастично потенцираше дека доколку не им биде дозволено да го доизградат објектот и да го пуштат во функција, општината ќе биде принудена на некоја од следните седници на советот да иницира промена на деталниот урбанистички план и оваа парцела да се пренамени во споменик на Владата кој ќе сведочи за неработењето на актуелната власт.

Јорданов и претходно во неколку наврати разговарал со Агенцијата за млади и спорт и со претходниот изведувач на градежните активности од каде секогаш добивал уверување дека работата е во тек и дека штотуку не е пуштен во употреба затворениот базен. Тој вели дека сега конкретниот предлог проект е на маса па останува да се добие согласност од централната власт и да се започне со изготвување на финансиска рамка за доизградба на започнатиот објект.

Камен-темелникот на несудениот затворен базен, беше поставен во февруари 2020 година, кога тогашниот градоначалник на Штип Благој Бочварски и тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски рекоа дека за оваа дамнешна желба на штипјани, централната власт и Општина Штип обезбедиле инвестиција од 600.000 евра и дека базенот ќе биде пуштен во употреба до крајот на истата година или евентуално, со сите пролонгирања на роковите, до крајот на 2021 година.