Да се реши сообраќајниот метеж во градот, да се одржува тековната инфраструктура, но и да се издаде општинска обврзница со цел да се изградат големи капитални проекти со цел градот да се развива. Ова се приоритетите на штипскиот градоначалник Иван Јорданов кој е на средина на својот градоначалнички мандат.

Откако беа направени неколку обиди да се добие градски превоз преку субвенционирање на билетите, Јорданов објаснува дека е распишан тендер за набавка на автобуси преку Јавното Претпријатие „Стипион“, но на повикот се јавил само еден економски оператор.

  • За мене тоа е неприфатливо затоа што цената која е понудена е многу висока и повисока од онаа проценета вредност која е планирана за набавка на автобуси, така да најверојатно ќе распишеме нов тендер и ќе се обидеме да му дадеме медиумска видливост на повикот со цел да се пријават повеќе економски оператори, вели Јорданов.

Зборувајќи за гужвите кои се создаваат низ градот за време на работното време и големата потреба од паркинг места, Јорданов потенцира оти се работи на фазната реализација на конзолите на река Отиња со што ќе се прошират сообраќајниците „Маршал Тито“ и „Васил Главинов“.

  • Кога ќе се заврши овој проект ќе имаме две опции, едната ќе биде да имаме двонасочен сообраќај од двете страни на река Отиња, а другата сообраќајот да остане еднонасочен со косо паркирање, рече Јорданов.

Дополнително најави изградба на три катни гаражи, едната позади Домот на културата, другата меѓу првата станбена зграда на ул. „Ванчо Прќе“ и стоковната куќа Нама и уште една кај зградата Промаја.

Зборувајќи за обвинувањата на опозицијата дека се распродава градежното земјиште, Јорданов вели дека не му е јасно зошто се критикува оти во градот се гради. Вели основна дејност на општината е да проектира, да направи ДУП, да создаде градежно земјиште, истото да го продаде и на него да се изградат објекти кои ќе и генерираат приход на општината.

  • Жалосно е што досега ниту се продавало, ниту се градело. Не може да се замнисли развој на општината без градење и продавање на градежното земјиште, без ДУП и ГУП, вели градоначалникот.

Во однос на општинската обврзница која ја бара општината Јорданов изрази надеж оти конечно ќе добијат позитивно светло од Владата, за да може општината да се развива.

Градоначалникот го прашавме и што мисли за зголемувањето на платите на функционерите, вклучително и на неговата.

  • Ако остане оваа одлука секако дека е за секаква критика и ставот е јасен во ваква криза не смее да се дозволи толкаво зголемување на платите на функционерите, вели Јорданов.