Со богата музичко забавна програма за најмалите Општина Штип ќе биде организатор на манифестацијата за Светскиот ден на шегата, први април.

Општинските училишта и градинките утре ќе изберат прво и второ место за најубави маски. Наградите, пак, ќе бидат доделени во сабота.

– Најпрво утре, во петок, ќе се направи избор на две најубави маски на дечињата од прво одделение во сите основни училишта и дечињата од големите групи во градинките. Од Општина Штип на прво наградените маски ќе им додели вредносен ваучер од 1500 денари. Вкупно пет ќе бидат за училиштата, а девет за сите објекти на градинките. За второ наградените ќе има ваучери од 1000 денари од Андреј Компани, рече Снежана Санева, раководител на Секторот за образование во Општина Штип.

Награди за најдобрите маски ќе даде „Штип Сити мол“. Менаџерот најави дека вредносен ваучер од 6000 денари ќе добие првата маска, втората ќе добие 4000 денари, а трето наградената 2000 денари.

– Изборот е на начин што заклучно со денеска тие што имаат желба треба да се пријават на нашата страна. Утре ќе бидат одбрани трите најдобри маски, а на самиот настан во сабота во „Штип Сити мол“, рече Кузманов.