Штип одбележа 10 години јубилеј од впишувањето на обичајот „четрсе“ како прво нематеријално културно наследство на листата на УНЕСКО.

На првиот ден на пролетта, за верскиот празник Св. Четирисет маченици штипјани се искачуваат на тврдината Исар и се поздравуваат со 40 луѓе. Младите собираат 40 каменчиња, 39 од нив ги фрлаат во реката Брегалница, а четириесетото треба да го стават под перница за да го сонуваат својот животен сопатник.

Традицијата продолжи и годинава, а штипскиот градоначалник се искачи на Исарот и ја посети црквата Св. Четириесет маченици.

– Морам да кажам дека дефинитивно „четрсе“ е светско, а наше и мораме да го одбележиме и да го презентираме во најдобро светло, онака како со векови наназад се практикува, вели Јорданов.

Низ општината се одржаа повеќе настани за одбележување на празникот.