Општина Штип е една од општините кои имаат постигнато најголем напредок во инклузивноста во образовниот процес. Ова денеска беше истакнато на настанот спроведен за претставување на резултатите на проектот к „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е во својот 31 месец.

– Се работи за тригодишен проект чиј стожер е доделување стипендии на ученици со попреченост вклучени во образовниот систем во почетните одделенија. Во текот на целиот проект соработувавме со 474 стипендисти кои поминуваа низ процес за образование во редовните училишта, но и во ресурсните центри, со силен поттик да го поддржиме процесот на преминување од посебно образование кон инклузивност во редовното образование, истакна Елена Мишиќ, лидер на проектот кој е финансиран од ЕУ, а го спроведува фондацијата „Чекор по чекор“.

Овој процес бил поддржан и со мерки кои им помагаат на семејствата, во вид на консултации, семејни разговори и обезбедување на туторска и образовна поддршка.

Како клучна алка за инклузија се вклучени и училиштата и направени се обуки за 55 училишта, а за 43 добиле грантови за подобрување на пристапноста и квалитетното стимулативно опкружување за учење.

Штипскиот градоначалник Иван Јорданов истакна дека како локална самоуправа во изминатиот период направиле чекори за подобрување на инклузивноста, но смета оти не се доволни и ваквите активности мора да се зголемат и да се подигне јавната свест.

– Како општина досега формиравме мобилни тимови за лица со попреченост за снабдување со основни намирници, даваме и поддршка со наши вработени лица во Дневниот центар за Аутизам, во Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост и во Малиот групен дом за деца без родители. Исто така го субвенционираме трошокот за комунални услуги на лица со попреченост, имаме ангажирано работно лица со попреченост и максимално се трудиме да ја подобриме инфраструктурата на територијата на општината, истакна Јорданов.

Како дел од овој проект отворена е сензорна соба во ОУ „Димитар Влахов“ во Штип.

Директорката на ова училиште, Невенка Величковска,  вели дека сензорната соба опслужува над 20 ученици со различни потреби и веќе се гледаат првите позитивни резултати.

– Имаме ученици кои имаат и свои асистенти, а во сензорната соба работи и нашиот дефектолог, така што покриени се сите ученици кои имаат потреба од дефектолошки и логопетски третман, а сензорната соба со сите инструменти и уреди успева да ги стимулира учениците да работат, доколку се вознемирени, пак, да ги смири и да создаде атмосфера да може повторно да се вратат во училница и да ја следат редовната настава, рече Величковска.