Еколошкиот јавен превоз – главна дејност на новоформираното ЈПП „Струмица транспорт“

Изминатата недела Советот на Општина Струмица донесе одлука за формирање јавно претпријатие, чија основна дејност е транспорт на патници. ЈПП „Струмица транспорт“ а со основна дејност јавен превоз со електрични автобуси во Струмица и населените места.
Новоформираното претпријатие ќе работи на обезбедување на потребните документи и согласност од држава за да отпочне со работа.
Но, паралелно со ова ќе се одвива и процесот на набавка на електрични автобуси. Од Општината Струмица, објавувајќи за новиот проект за транспорт, беше најавено дека електричните автобуси ќе се купуваат преку лизинг. Оптималните прогнози се дека првите автобуси ќе почнат да возат низ струмичките улици до крајот на годината или почетокот на идната.

Освен што ќе има редовни линии, идејата е преку градскиот превоз да се преземе и училишниот превоз. Секоја година за ученичкиот превоз се трошат 143 милиони денари средства, пари што сега ќе послужат за исплаќање на еко-автобусите.
Градоначалникот Костадин Костадинов, објавувајќи за веста, напиша дека со овој проект Струмица станува првата општина која ќе има целосно електричен, еколошки јавен превоз.

Парите за јавниот превоз во висина од 12 милиони денари за оваа година се предвидени во општинскиот Буџет.