Сликата во градот не се опишува со зборови, вели командирот на штипската противпожарна единица Дарко Коцев кој седум дена заедно со четири негови колеги од Штип, неуморно работеа во турскиот град Адијаман кој беше погоден од катастрофалниот земјотрес.

Заедно со другите македонски тимови и ДЗС по 12 часа дневно работеле на спасување и извлекување жртви од разурната деветкатница. Спасиле една жена, но за жал од под урнатините извлекле тела на над 40 жртви.

– Со помош на тешка механизација, со багери, се вадеше дел по дел, плоча по плоча. Се работеше бавно и прецизно, доколку се најде некоја жртва или некој жив за да може да се спаси. Кога багерот ги креваше плочите ние бевме до него и кога ќе наидевме на тело, се стопираше целата механизација па како тим влегувавме во рушевините и правевме пребарување, вели Коцев.

Штипскиот градоначалник кој денеска ги прими пожарникарите во својот кабинет изрази голема благодарност за нивната пожртвуваност и храброст да заминат во Турција.

– Посакувам во иднина да не се случуваат вакви нешта и да нема потреба да интервенираат, но кога веќе се случи ова тие на висина на задачата, најбрзо што можеа заминаа натаму, рече Јорданов.

Тој како знак на благодарност од штипјани најави дека општината на петте пожарникари ќе им додели еднократна парична помош во висина од една просечна плата.