Втора година по ред Владата и Министерството за култура пробуваат да го згаснат и уништат најпопуларниот и единствен фестивал на забавна мелодија „Макфест“. Ова е ставот на штипскиот градоначалник Јорданов откако Министерството за култура и годинава, како и лани, одвои 400 илјади денари од својот буџет за манифестации за овој култен фестивал. Тој и порача на власта дека Општината повторно сама ќе си го организира фестивалот.
Според Јорданов одвоените „срамни“ средства од 6,5 илјади евра, од буџетот тежок 12,5 милиони евра, покажуваат само дека Министерството за култура продолжува да ја понижува македонската естрада и фестивалот, но и Штип како град домаќин.
– Сакам да и порачам на оваа влада, која продолжува да уништува се што е македонско, а и на министерката за култура, дека нема да дозволам да се понижува градот Штип и македонската култура и музика. Ова се неприфатливи и срамни пари кои ние и оваа година нема да ги прифатиме. Општина Штип и годинава достоинствено, онака како што доликува на единствениот фестивал на забавна музика ќе го организира и финансира „Макфест“. Нека си ги чуваат овие пари и нека си ги пренаменат за некои партиски послушници, рече Јорданов на прес-конференција во општината.
Градоначалникот е револтиран и од тоа што, како што вели, во буџетот имало доволно средства за сите, но не и за Макфест. Во ова својство спомена и неколку настани финансирани од министерството, а за кои се одвоиле поголеми средства.
За потсетување и минатата година Општина Штип сама, со помош на спонзори го организираше „Макфест“. Фестивалот чинеше околу шест милиони денари.
Во минатото толку пари одвојувало и министерството, кога вредноста на овие пари како што вели градоначалникот Јорданов, била многу поголема отколку што е сега.