Согласно Одлуката на Владата на Република Северна Македонија од 30 октомври годинава, за преземање мерки во услови на постоење кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, сите основни и средни училишта од општина Струмица поднесоа документи во предвидениот рок и склучија договори за снабдување со електрична енергија со ЕСМ Продажба ДООЕЛ, по цена од 95 евра за мегават час.
Според градоначалникот Костадин Костадинов, оваа цена е преполовена за училиштата, но во однос на анализите и споредбите сепак треба да помине време.
-Уште не е поминат првиот месец за да ја видиме и првата фактура, но убеден сум дека ќе имаме големи генерирани заштеди, но за подетални информации ќе мора да ги добиеме фактурите, да седнеме со директорите и да ги видиме резултатите од мерката.
Во однос на електричната енергија, општина Струмица е пионер во обновливите извори на енергија. За пример, конкретно ќе го земам основното општинско училиште „Сандо Масев“ во кое пред неколку години имаат монтирано фотоволтаици за нивните потреби. Ако ги компарираме по габарит „Сандо Масев“ со другите училишта, такви згради добиваат месечни фактури согласно зголемените цени пред да се префрлат на ЕСМ од 150.000 до 200.000 денари месечно, а „Сандо Масев“ добива 15.000 денари месечно. Затоа е храбра и одговорна одлуката од страна на Советот, да овозможиме гаранција како Општина за ЈПКД „Комуналец“ и да отпочнеме постапка за имплементација на фотоволтаици, односно, фото напонска централа исклучиво за потребите на општина Струмица за којашто имаме обезбедено физибилити студија со моќност од 2,2 мегавати и секако тоа ќе биде бенефит за Општината и за граѓаните. Зошто? Затоа што Струмица со имплементацијата на целиот проект би била прва Општина во државата која ќе биде комплетно независна во однос на електричната енергија, рече Костадинов.