Делчевските пожарникари добија швајцарска донација од опрема за справување со пожари на објекти и отворен простор. Донацијата се состои од две скалила за гасење пожари високи по 22 метри и моторна пумпа со голема моќност за испуштање вода при поплави со што значително се подобрува опременоста на делчевските пожарникари. Градоначалникот Горан Трајковски кој заедно со претставници од Општина Делчево и ТППЕ Делчево деновиве беа во работна посета на Service du feu -Chardonne, од Швајцарија, изрази благодарност за донацијата со која за прв пат се обезбедува ваква опрема за ТППЕ Делчево.

Донацијата се реализира во соработка со наши иселеници од Швајцарија за што изразувам голема благодарност, посебно до нашиот иселеник во Швајцарија, Валери Величков за неговата посветеност во оваа донација. Со нашите пријатели од Швајцарија разговаравме и за идната соработка, за нови донации и за обуки на делчевските пожарникари кои ќе придонесат за стручна надградба на капацитетите на пожарникарите, но и за можна идна соработка во други општествени сфери, додаде Трајковски.

Ова е втора странска донација за Територијалната противпожарна единица од Делчево. Претходно делчевските пожарникари добија две противпожарни возила –донација од Доброволното противпожарно друштво на словенечкиот град Чрномељ.