Мобилен рентген донација од Јапонија веќе пет месеци ги опслужува пациентите на штипското Инфективно одделение

Мобилен рентген апарат кој е донација од Јапонија веќе пет месеци ги опслужува пациентите на Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип. Освен што е олеснување за пациентите кои во тешка здравствена состојба веќе не мора да се носат на снимање во други оддели, апаратот ја олеснува и работата на вработените.

Денеска со официјално примопредавање беше означен крај на проектот од  јапонската грант програма ГГП за набавка на овој апарат и беа изразени взаемни желби за продолжување на соработката меѓу градот и јапонската амбасада. Директорот на штипската Клиничка болница Ален Георгијев најави дека веќе се во процедура за добивање на опрема за одделот за Неонатологија и потсети дека претходно во 2018 донација од јапонската амбасада беа две возила.

– Јас сум убеден дека низата на донации кои се случија благодарение на поддршката на јапонскиот народ и јапонската амбасада, а се во областа на образованието, здравството, социјалата, дека ќе продолжат и во иднина. Се надевам дека со проектите кои ќе ги презентираме пред јапонската амбасада во иднина ќе успееме да го подобриме начинот на живот на нашите сограѓани, истакна штипскиот градоначалник Јорданов на денешното примопредавање, изразувајќи благодарност за досегашната соработка.

И јапонскиот амбасадор Хирониро Савада изрази надеж дека овој апарат ќе придонесе за подобрување на здравствените услови во болницата и потенцира дека со него во изминатите пет месеци биле направени повеќе од 90 рентген снимки.

Директорот на штипската Клиничка болница рече дека доколку продолжи трендот на намалување на ковид пациентите во Инфективното одделение рентген апаратот ќе биде преместен на одделот за Ортопедија и трауматологија каде бенефит ќе имаат повеќе пациенти.
Инаку во моментов во Штип има само еден хоспитализиран пациент, а во изминатите два месеци имало хоспитализирано 13 пациенти.