Со благодарност до соработниците, советниците и директорите кои дале безрезервна поддршка и верувале во промените, градоначалникот на Штип Иван Јорданов го започна својот отчет за 365 дена работа. Јорданов се осврна на тоа каде се потрошени парите кои ги прибираат од граѓаните и на кој начин се враќаат назад, но и на новите проекти кои сакаат да ги реализираат.

– За нас како нова локална власт верувајте секој ден е отчет, затоа што секојдневно се среќаваме со нашите сограѓани, работиме, го посетуваме секое населено место, ги планираме проектите кои во иднина ќе ги работиме и се надевам дека досега покажавме еден поинаков пример во решавањето на проблемите, потребите и реализацијата на преоктите, рече Јорданов.

Општина Штип изминатава година има инвестирано 144 милиони денари во инфраструктура – завршен е првиот опфат од конзолите на река Отиња од потегот од градската црква до ОУ „Ванчо Прќе“, асвалтирана и рехабилитирани се улици во повеќе населби, реконструирана е крстосницата во населбата Сењак, изграден е нов кружен тек во близина на црквата Св. Никола, уреден е и реконструиран влезниот булевар „Гоце Делчев“ и други.

Јорданов ги спомена и проблемите со водоснабдувањето во градот и зошто се одлучиле етапно да се реконструира водоводната и канализациона мрежа.

– Во водовод и канализација изминатава година се вложени 18 милиони денари за реконструкција на подземни инсталации на неколку делови од градот, рече Јорданов.

Градоначалникот зборуваше за вложувањата во образованието, за парковите и зелените површини, спортските терени…

– Ако зборуваме дали сме задоволни од реализацијата на проектите, од динамиката на реализација на истите, продуктивноста на вработените би рекол дека секогаш можеме подобро. Ако се прашуваме дали е ова доволно, нормално дека не е и дека има низа недостатоци во нашето функционирање и во работењето на новата локална самоуправа. Има низа проблеми кои мораме заеднички да ги прифатиме и да ги промениме, за следните години да бидеме поуспешни, рече Јорданов оценувајќи ја изминатава година како добра година за реализација, но следните вели ќе бидат многу подобри.

Тој најави дека следниот буџет ќе биде историски највисок буџет што општината го имала до сега.

За тоа што досега е сработено, а што се планира, погледнете во видеото во продолжение