Општина Штип сака да го измени проектот за новата крстосница во населбата Сењак, со цел таа да стане побезбедна за лицата со оштетен вид. За овие лица да можат побезбедно да преминуваат по пешачките премини, освен вертикалната, би требало да се постави и звучна сигнализација. За ова и за мноштво други проекти, но и за генералната ситуација на слепите луѓе во државата, се разговараше на денешната средба на раководството на Здружението на слепи лица и штипскиот градоначалник Јорданов.

Од здружението велат дека се задоволни од досегашната соработка со локалната власт и оти веќе се реализирани дел од проектите кои тие ги предложиле.

– Се надевам дека во идниот период ќе реализираме и други активности. Во фаза на имплементација е дислокација на вертикалната сообраќајна сигнализација, од средината на тротоарите на десната страна, со цел слепите лица и лицата во колички да можат да се движат непречено по тротоарите. Ова во целост е реализирано веќе во населбата Сењак и во Автокоманда, вели претседателот на здружението, Драги Витанов.

Градоначалникот Јорданов истакна дека во рамки на можностите секогаш ќе се труди да помага за подобрување на условите за живот на слепите лица.

– Нашата примарна цел е инфраструктурно да го оспособиме градот за полесно движење на лица со оштетен вид, одредени проекти, пред се тротоарските површини ќе бидат приспособени и заштитени за сите лица, вклучувајќи ги и лицата со оштетен вид, вели Јорданов.