Почна рехабилитацијата на патот Раброво – Муртино

Делницата од 3,5 километри регионален пат меѓу Раброво и Муртино започна да се реконструира, за што од државниот буџет се одвоени околу 50 милиони денари.
Измината недела градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, директорот на ЈП „Македонија пат“, Костадин Ацевски и градоначалникот на општина Босилово Ристо Манчев беа на терен, каде отпочнаа градежните работи. Градоначалникот Костадинов рече дека ова е посебен ден за општините Струмица и Босилово, а особено за жителите на Муртино и Робово бидејќи се решава долгогодишен проблем во патната инфраструктура.

-За неполна година од мојот мандат во соработка со Министерството за транспорт и врски, ја завршивме фекалната канализација во Банско од 800.000 евра, а во Градско Балдовци ќе го реализираме моето изборно и програмско ветување со објавување на втората јавна набавка за фекална и атмосферска канализација. Ова е начинот на којшто треба да функционираме. Оваа влада има слух за потребите на граѓаните, а ние градоначалниците колку и да сме идеолошки различни, треба да работиме за граѓаните, рече градоначалникот Костадинов.
Инаку, барањето за рехабилитација е од граѓаните, а минатата година иницијативата до надлежните владини институции ја достави градоначалникот Костадинов.
-Особено ми е драго што сме сите денеска тука да означиме започнување на градежните активности за реконструкција на регионалниот пат Робово – Муртино, проект кој беше на барање на жителите. Државата го прекатегоризира овој локален пат во регионален, за да може комплетно да биде реконструиран, со цел подигнување на безбедноста на патување во овој регион. Инвестицијата е во висина од околу 48 милиони денари. Вложуваме, инвестираме, работиме речиси во сите општини низ државата. Југоистокот, како регион кој има голем економски и туристички потенцијал, е од големо значење за нас и затоа даваме поддршка на локалните самоуправи за обезбедување забрзан регионален и економски развој, поефикасно регионално поврзување и подобрување на условите за живот на граѓаните“, изјави министерот Бочварски.
Според директорот на ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта, Костадин Ацевски, овој регионален пат ќе се реконструира во три фази. Првата и втората предвидуваат гребење на стариот и поставување на комплетно нов асфалт, додека на третата делница ќе се проширува патниот правец, а потоа следи комплетно асфалтирање.

Министерот Бочварски потсети дека завршена е реконструкцијата на патниот правец Габрово – Колешино – Смоларе, завршена е изградбата на канализацискиот систем во н.м. Банско и дека во тек е постапката за избор на изведувач за изградба на фекален и атмосферски канализационен систем во н.м. Градско Балдовци, за што преку Министерството за транспорт и врски издвои 80 милиони денари.