Од идната недела почнуваат градежните активности за санација на мостот на реката Брегалница кај селото Долни Балван, најави градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.

„Веќе го потпишавме договорот со изведувачот којшто ќе работи на санација на мостот кај Долни Балван. Очекуваме веќе да започнат градежните активности, некаде од следната недела. Она што е важно за овој проект е дека ни се одобрени средства во висина од 5.800.000 денари од Министерството за локална самоуправа. Остатокот од финансирањето ќе биде од буџетот на општината. Целиот проект изнесува 8.900.000 денари плус вклучен ДДВ,“ вели Паунов.

Рокот за завршување на санацијата е до почетокот на месец декември, секако ако тоа го дозволат и временските услови.

„Она што ќе следува во периодот понатаму е регулација на речното корито на реката Брегалница, без кое е незамисливо да има мост а без притоа да биде регулирано течението на самата река. Најавуваме дека во периодот што следува ќе работиме на реализација на тој проект кој предвидува уредување на речното корито со неколку каскади, неколку прагови и повеќе заштитни мерки со кои ќе се стабилизира тлото каде се наоѓа мостот,“ прецизира Паунов.