Граѓаните имаат потреба и бараат, повторно да биде отворена Подрачна канцеларија на Агенцијата за вработување во Општина Лозово. Ваква канцеларија имало, меѓутоа истата е затворена пред пет години.

„Со оглед на повеќегодишниот проблем со кој се соочува општина Лозово и секојдневните поплаки од граѓаните кои се невработени и имаат потреба редовно да се пријавуваат во Центарот за вработување-Свети Николе, побарав од Агенцијата за вработување да ни обезбедат службено лице кое ќе ги опслужува граѓаните од нашата општина.,’ вели градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски.

Канцеларијата во Свети Николе е оддалечена 25км од Општина Лозово, Цената на горивата е енормно висока, нема редовни автобуски линии, цената на такси превозот достигнува до 800 денари, се главните причини коишто се наведуваат во образложението.

„Тоа значи дека невработените лица во нашата општина освен тоа што се доведени до ситуација да не можат да врзат крај со крај за да го поминат месецот, се соочуваат со дополнителни месечни трошоци за заверка на картоните, бидејки тоа мора да го направат лично во Центарот за вработување во Свети Николе.“ додава Цветковски

Од општината се надеваат дека Агенцијата ќе се одважи и ќе одговори позитивно на  барањето на граѓаните.