Штип наредните три дена ќе биде домаќин на Меѓународната конференција „Спринг солидарност во акција“

Солидарна соработка во неколку области – здравство образование и волонтерство, со цел да се зајакне чувството во заедницата на сите нивоа. Ова е целта на петтата Меѓународна конференција во рамки на проектот „Спринг солидарност во акција“ чиј домаќин во следните три дена ќе биде општина Штип.

Градоначалникот на општината, Иван Јорданов, информираше дека целта на проектот е да се промовира волонтерството меѓу младите, да се создаде мрежа на градови кои ќе соработуваат во областа на солидарноста и ќе дефинираат најдобри практики.

–  Партнери во проектот се осум организации, учесници дури од седум држави, Италија Шпанија, Бугарија, Полска, Македонија, Франција и Германија. Конкретна тема на проектот кој ќе се оддржи во нашата општина е здравството во време на Ковид криза, изјави штипскиот градоначалник потенцирајќи дека конференцијата овде ќе се одржи во наредните три дена.

Како што вели тој со реализација на овој проект општината ќе може да ги зацврсти односите со учесниците од седумте земји. Претствници од земјава во рамки на проектот, пак, веќе зеле учество на конференција во Полска.

Самиот проект инаку трае 24 месеци, од април годинава па до март идната година, а е финансиран од Европската унија и е дел од програмската компонента Демократско општество и ангажман мерка два.