Помалку гужви и редици пред општинските шалтери и позадоволни граѓани треба да биде резултатот од системот за дигитализација кој Општина Штип треба да го воведе веќе од следната година.

Градоначалникот на општината, Иван Јорданов, вели дека новиот софтвер за електронска комуникација меѓу граѓаните и општината ќе овозможи праќање барања по електронски пат и целосен увид во одреден предмет, како и испраќање на решенијата. Наместо во општинската зграда, барањата како што вели градоначалникот, ќе се праќаат електронски.

Јорданов изјави дека веќе е избрана фирма која ќе го изработи софтверот, а ќе чини 50 илјади долари.

– Ова е проект преку УНДП. Овој софтвер ќе овозможи подобра електронска комуникација со нашите сограѓани, поголема транспарентност во работењето, затоа што веќе гужвите пред шалтери и чекањето во редици ќе бидат минато затоа што нашите сограѓани преку оваа дигитализација ќе може да комуницираат со Општина Штип преку електронски пат без да доаѓаат овде. Ќе имаат целосен увид во предметот кој се работи, на кој службеник е доделен, до каде се постапките за изготвување на одредено решение и решенијата ќе може да ги добијат по електронски пат, вели Јорданов.

Освен барања, преку овој систем граѓаните ќе може да ги пријавуваат своите потреби и проблеми. Со ова градоначалникот вели ќе се заштеди на време, но сепак нагласува дека средбите „лице во лице“ ќе останат.

Нови вработувања за новиот начин на работа не се предвидени. Јорданов вели дека во Општината има доболен број вработени кои може да ги сервисираат и овие потреби.