Се уште ги нема вештите лица од Бирото за судско вештачење, коишто ги вети Министерот  за земјоделство Љубчо Николовски, кога ја посети општина Лозово по серијата природни непогоди.

Градоначалникот Бошко Цветковски информира дека  поминаа веќе дваесет дена и дека е време да се почне со проценките, за да се утврдат реалните штети.

„Би сакал да ве известам дека се уште не ни се доделени вешти лица од Бирото за Судски вештачења, кои требаше заедно со комисиите за утврдување на штета на земјоделски површини, движен и недвижен имот, да излезат на терен и со својата стручност да придонесат во правилна проценка и уредно изготвување на елаборати, “ вели Цветковски.

Тој се сомнева дека не испраќањето на вештите лица е со намера, за подоцна  Локалната самоуправа биде обвинета дека не реагирала навремено, за да подоцна не би се исплатиле штетите на граѓаните предизвикани од силното невреме,кое во неколку наврати ја зафати територијата на нашата Општина..

„За таа цел, дадов задолжение на општинската администрација да ги повика членовите на комисиите и од утре да започнат активно со теренска работа, бидејки поголемиот дел од граѓаните во изминатиот период работеа сами, за да спасат колку можат од својот труд кој го вложиле во земјоделието и имотите, со цел да не останат и без тоа малку  што им остана,“ информираше денеска градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски.

Најголеми штети од трите невремиња претрпеа селата Лозово, Каратманово, Милино, Ѓуземелци, Дурфулија и дел од атарот на село Аџиматово.

На итна седница на Советот беа формирани две Комисии, една за утврдување на штети кај земјоделските култури, а друга за утврдување на штета на движен и недвижен имот.

Првото невреме со силен град се случи на 25 мај вечерта, второто на 28 мај кога населените места во Општина Лозово ги погоди град со големина на орев од кој најмногу настрадаа земјоделските површини и третото невреме со силен дожд Општина Лозово ја зафати на 31 мај.