Засега неизвесно дали Општина Штип до септември ќе добие градски јавен превоз. Пропадна јавниот повик за прибирање на понуди за вршење на општински превоз на патници и субвенционирање на линиите. До крајниот рок, 31 мај не се пријавил ниту еден заинтересиран, информираат од општината.

„Всушност имаше заинтересирани, но не беа задоволни од сумата за субвенционирање. Сепак плановите и пресметките беа направени пред три месеци, а од тогаш до сега цената на горивата пораснаа, и неизвесно е како ќе се движат овие дневни шокови и осцилации со цените,“ вели штипскиот градоначалник Иван Јорданов.

Според Иванов, најверојатно заинтересираните превозници имаат направено некој меѓусебен договор, па на јавниот повик не се јави ниту еден.

„ Сепак ние не се откажуваме, веќе се подготвува новиот јавен повик, кој ќе биде со корекција на сумата за субвенциите, којашто секако ќе се формира врз основа на новите пресметки. Според претходниот јавен повик цената на билетите во зависност од релациите се движеше од 25 до 40 денари. Предвидено беше субвенционирањето  да се врши на месечно ниво, 30 или 40 денари по изминат километар според временските термини на тргнување и доаѓање, односно дали со линијата е опфатен превозот на ученици или не. Превозниците кои ќе добијат субвенции се должни да обезбедат и бесплатен превоз на корисници кои имаат право на гарантирана минимална помош и на лицата со попреченост,“ образложи Иванов.

Како што претходно беше најавено,  јавниот градски превоз требаше да стартува наесен, пред почетокот на новата учебна година. Предвидени се четири линии од населбите Чардаклија, Караорман ( која ќе важи и за населбата Баби), Три Чешми и од населбата Дузлак.