Насмеани детски лица, кои глумеа пеперутки, кловнови, бебиња, цвеќиња денеска продефилираа по улиците на Радовиш, градот кој по пауза од две години, го организираше Детскиот карневал. Оваа година на едно повисоко ниво, како членка на Федерацијата на европските карневалски градови. Карневалското дефиле со над 40 карневалски групи тргна од пред општината Радовиш, каде потпретседателот на Федерацијата на европските градови Ванчо Ристов – Партиков, го истакна придонесот на радовишките карневалџии во европското семејство.

-Ова е втор карневал, со првиот направивте бум во Радовиш, после Струмица, Кавадарци и Прилеп. Се надевам годинава ќе имаме исто така успешен карневал и за следната година ви посакувам меѓународен карневал. Сакам да ве поздравам и во името на Бордот на ФЕЕК, кој во моментот заседава во Луксор, ве поздравуваат и ви посакуваат успешен карневал. Вашите карневалисти од Здружението „Газели“  12 години се бисер на европските карневали, рече Пелтековски.

Организатор на Радовишкиот детски карневал е Домот на култура „Ацо Караманов“ во соработка со сите воспитно образовни установи во Радовиш и Општината, со поддршка на Министерството за култура. Во карневалското дефиле имаше деца од малите групи во градинките, па се’ до завршните одделенија во основните училишта. Градоначалникот Ацо Ристов беше особено задоволен што по периодот на затвореност и ограничувањата што ги донесе пандемијата, низ улиците на Радовиш со карневслското дефиле, се вратија детските насмевки, кои возрасните ги прават најсреќни.

-Денес Радовиш е царство на детството и убавината. Денес Радовиш е радост и среќа. Денес Радовиш е детски Рио де Женеиро. Драги дечиња, сакам да ви порачам дека не само денес, туку секогаш треба да бидете среќни, весели и насмеани. Да се сетиме дека сите се смеат на ист јазик. Радовишкиот детски карневал е вистинскиот јазик на смеата, радоста и убавината кон детството и животот. Јас сум особено среќен, затоа што Радовиш е дел од европското семејство на карневалски градови, рече градоначалникот Ристов.

Карневалот по традиција го избра својот крал и кралица, а беа доделени и признанија за најзаслужните за организирање на карневалот. Меѓу нив и бизнисменот Ванчо Чифлиганец, радовишанец по потекло, кој како што сподели сеќавање за тоа како самиот како дете, учествувал во ваков настан.

-Ви посакувам се’ најдобро од името на моето семејство, а јас денеска се потсетувам на настан пред 55 години, кога учествував во Радовиш на еден карневал, спортски, на 25 Мај. На 12 -годишна возраст покажувавме зафати од борењето и тогаш јас, како и вие денес што сонувате, фантазирате… сонував Радовиш да биде шампион во Југославија, Македонија, европски, светски… и затоа сакам магијата да ве понесе и вие да бидете современи граѓани на ова балканско – европско семејство, порача Чифлиганец.

Радовиш денеска живееше карневалски, додека во воздухот се чувствуваше свечена атмосфера, а граѓаните масовно излегоа на улиците да ги поздрават карневалџиите.