Гевгелиските пожарникари добија нова опрема за гаснење на шумски пожари

На Денот на Пожарникарите – 20 Мај во Територијалната противпожарна единица во Гевгелија беше одржана свеченост на која се изврши примопредавање опрема во износ од 1,3 милиони денари. Се работи за опрема за дејствување и гаснење на шумски пожари, обезбедена преку проект на Советот на Југоисточниот плански регион со финансиска поддршка од ИПА-Програма за прекугранична соработка со Република Бугарија .

На настанот присуствуваше градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, како и пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание, Ангелинка Петкова и Александар Николовски.

– Во име на сите граѓани на општина Гевгелија, на Советот на Општина Гевгелија и во мое лично име, сакам да им го честитам празникот – 20 Мај на припадниците на Територијалната противпожарна единица во Гевгелија, им го честиташе празникот на пожарникарите градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.

Притоа, им им се заблагодари за залагањето во изминатата година, кога професионално си ги извршуваа своите задачи, ако се има предвид големиот број на пожари на територијата на општина Гевгелија. Особено, големиот пожар во близина на граничниот премин Богородица, кога пожарникарите одлично се справија со опасната ситуација. Се надевам, рече Сарамандов, дека ова лето нема да имате полни раце работа.

Потоа, градоначалникот Сарамандов и директорката на Југоисточниот плански регион Жулиета Ѓуркова, го потпишаа договорот за примопредавање на личната противпожарна опрема за припадниците на ТППЕ-Гевгелија. Ѓуркова најави дека наредниот месец, јуни, следува уште една дополнителна донација, која овој пат ќе се состои од напртњачи, моторни пили, мотори и противпожарни црева.

По повод празникот, пожарникарите на ТППЕ- Гевгелија пред гостите изведоа показна вежба на спасување на настрадани патници од автомобил- учесник во сообраќајна несреќа.