Делчево подготвено за централната прослава по повод Денот на македонската полиција

Делчево е подготвено да биде добар домаќин за централната прослава по повод Денот на македонската полиција која ќе се одржи во нашиот град на 7 мај, сабота, под мотото „МВР за граѓаните“ и концептот „Полицијата во служба на граѓаните“.

Централната прослава и содржините спакувани во неа даваат одлична можност и за порелаксирано дружење на нашите граѓани со припадниците од  организациските единици на полицијата, кое покрај забавниот има и едукативен карактер во врска со полициската професија, а во интерес на сите генерации.

Посебно, заслужуваат внимание содржините за најмладите и најразличните игри и дружење со полициските службеници, што од своја страна ја гради довербата во службеното лице –полицаец. Целта е одблиску да се запознаат со работењето на полициските служби, нивните задачи, униформи, опрема.

Настанот ќе се одвива во градскиот парк со почеток од 12.30 часот, а освен презентација на опрема и оружје, најавена е и богата културно-забавна програма во која ќе настапат фолклорните друштва од Делчево, „Копачка“, КУД „Гоце Делчев“, ФГ при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, како и пејачката група „Ѓурѓа”, а концерт ќе одржат познатите македонски поп ѕвезди Дац и Александар. Исто така, и младата Сандра Марковска, која е првонаградена на литературниот конкурс со наслов „Безбедно детство“ ќе ј прочита својата творба

За таа цел, Општина Делчево ги поканува заинтересираните граѓани од Делчево, но и од поширокиот регион, да бидат дел од овој настан кој промовира партнерство меѓу граѓаните и полицијата, партнерство меѓу општините и полицијата.

За настанот и подготовките во видео снимката зборува Даниела Такева од Општина Делчево: