Во Струмица е промовирана нова социјална услуга

Во Струмица е промовирана нова социјална услуга за околу 60 лица со попреченост, слепи, стари лица над 65 години и други лица со намален функционален капацитет, кои имаат потреба од грижа и нега од трети лица во својот дом. Услугата ја обезбедуваат лиценцирани обучени негуватели кои минаа низ серија стручни обуки.  Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска им ја врачи лиценцата за вршење на оваа дејност, истакнувајќи дека оваа услуга е дел од социјалната реформа што ја спроведува Министерството со  вклучување на надворешни партнери преку општините во давањето на социјални услуги.

– Горда сум што преку Проектот за подобрување на социјални услуги обезбедуваме и стручна помош и поддршка на нашите највозрасни граѓани во нивниот дом, но, исто така сум среќна што на овој начин се отвораат и нови работни места. Општина Струмица е една од 27-те општини каде се спроведува овој проект. Убедена сум дека успешните приказни ќе продолжат и дека среќните лица на корисниците ќе ги поттикнат организациите, како и општините да се пријавуваат на следните повици за развој на социјални услуги на Министерството за да им го подобрат животот на граѓаните во своите општини, изјави министерката Тренчевска.

Здравствената установа ПУЗС „Отворено Срце” стана партнер на Министерството за труд и социјална политика за услугата помош и нега во домот заедно со Општина Струмица.

-Заедно со ПУЗС „Отворено Срце” ќе работиме во насока на обезбедување најквалитетни услуги, да се подобри пристапноста и квалитетот на социјалните услуги што ќе им бидат понудени на старите лица, немоќните и лицата со инвалидитет во Општина Струмица. На овој начин систематски влијаеме на намалување на проблемите и нивно решавање на истите преку развој на локални социјални партнерства меѓу засегнатите страни во заедницата, кажа Костадин Kостадинов, градоначалник на Општина Струмица.

Овој  проект, наменет за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика досега поддржа 22 проекти во 27 општини. 16 од проектите се наменети за помош и нега на стари лица во домот, три се дневни центри за деца со попреченост, а по еден проект се за помош на стари лица во дневен центар, за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина и за услуги за советување. За давање на услугите обучени се околу 300 лица, а се очекува да бидат опфатени повеќе од 1.100 корисници.