Штипјани за три месеци ќе ја добијат првата велосипедска патека во градот. По реакциите и барањата од граѓаните, ќе се прошири постоечката пешачка патека, па долж реката Брегалница, од населбата Балканска до Ново Село, ќе има и патека за велосипеди.

Градоначалникот Иван Јорданов вели дека средствата за оваа намена, 12 милиони денари, се обезбедени од буџетот на општината.

– Во завршна фаза сме со завршување на тендерската постапка за проширување на пешачката патека долж коритото на реката Брегалница. Предвидуваме уште една патека која ќе биде велосипедска, проширување на овој дел кој служи за спорт и рекреација во должина од шест километри од потегот од населбата Балканска до Ново Село, рече Јорданов и потенцира оти очекува веќе од наредниот месец да започнат градежните активности.

Градоначалникот најави и продолжување на пешачката патека, а се размислува и патеката да се збогати со детски реквизити и парк за миленици.