Гевгелиските пожарникари се подновија со опрема за спасување

Сет опрема за спасување од поплави доби ТППЕ од Гевгелија, со кој се подобрува капацитетот на единицата за справување со овој тип на елементарни непогоди. Новата опрема е од Дирекцијата за заштита и спасување. Сетот се состои: од 1 агрегат, 2 потопни пумпи, 3 црева, техничко јаже, рефлектор со сталка и универзален клуч за спојка. Со доделената опрема значително се подобрува капацитетот на ТППЕ-Гевгелија за справување со поплави.
Пред посетата на ТППЕ- Гевгелија, по повод обезбедената донација и увидот во техничките ресурси, градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, оствари средба со заменик-директорот Зулфикар Зејнулаи и други претставници на Дирекцијата за заштита и спасување.

На средбата стана збор за понатамошната соработка и активностите помеѓу локалната самоуправа и Дирекцијата за заштита и спасување, со цел зајакнување на капацитетите во областа на цивилната заштита. Градоначалникот Сарамандов изрази благодарност до Дирекцијата за заштита и спасување за доделената опрема на ТППЕ- Гевгелија, која е од огромно значење и ќе придонесе за поефикасно справување на пожарникарите при интервенцијата во случај на елементарни непогоди на подрачјето кое го покрива ТППЕ- Гевгелија.