М.Каменица: „Обојување“ на депонијата во зелено, се финализира доуредувањето на кејот

Јавното претпријатие „Камена Река” од Македонска Каменица започна со зазеленување на просторот околу градската депонија. Целта е преку садење на неколку десетици зимзелени дрвца, да се создаде заштитен појас околу депонијата.

Паралелно се решава и проблемот што настанува со надојдување на водите во населбата Стара Каменица.

-Во оваа населба се реализирани интервентни активности за трајно решавање на проблемите со надојдени атмосферски води и талози на делови од локалниот пат до Тепеѓовско Маало, информира  ЈП „Камена Река”.

Општината продолжи и со доизградбата на финалниот дел од кејот на Каменичка река. По завршувањето на градежните активности се најавува хортикултурно уредување на просторот.

-Кејот на Каменичка река ќе има и ново осветлување, но и нова урбана опрема со што проектот ќе биде финализиран, а Македонска Каменица ќе има модерно градско обележје, најави градоначалникот Димчо Атанасовски.