Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски го потпиша Договорот за кофинансирање на проектот „Крушево и Елбасан – признаена туристичка прекугранична дестинација“ со Министерството за локална самоуправа кој го покрива кофинансирањето.
На денешниот настан во Скопје беа презентирани сите проекти во рамки на Програмата за прекугранична соработка со Албанија.
Проектот кој веќе го имплементира општина Крушево се однесува на изградба на паркинг во параглајдинг центарот во Крушево, поставување на 2 мерни станици на полетувалиштето за параглајдинг, ЛЕД осветлување на објектите од култура и изградба на патека за „даунхил“, планински велосипедизам. Од страна на општина Крушево ќе се имплементираат и различни видови на обуки и настани за градење на капацитетите на угостителскиот сектор.
Целосната вредност на проектот е 740 000 евра, а за активностите на локалната самоуправа се одделени околу 230 000 евра.