Целосно е завршен проектот за реконструкција на спомен паркот Братство и единство во Пробиштип, па сега тој е збогатен со адреналинска патека, амфитеатар, катчиња за најмладите, фитнес зона и летниковци, а засадени се и нови садници дрва и има целосно ново осветлување.

– Она што е обврска на Општина Пробиштип, уредување на централната улица во паркот, во моментот се реализира и за неа општината одвои 29 милиони денари. Во периодот што следи ќе се уреди и повеќенаменското игралиште кое е предвидено да биде покриено со вештачка трева. Сметаме дека веќе до летниот период општината ќе го уреди игралиштето така што паркот ќе биде комплетен и достапен за сите граѓани на општината, вели градоначалникот Драган Анастасов.

Проектот инаку е финансиран со 16,4 милиони денари од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и три милиони денари обврска за ДДВ на Општина Пробиштип.