Со положување на свежо цвеќе на спомен рељефот на Гоце Делчев во штипско Ново Село, штипјани ја одбележаа 150 годишнината од неговото раѓањето .

„Денес одбележуваме  150 години од раѓањето на големиот великан, апостолот на Македонското ослободително движење, човекот којшто ја проширил идејата за македонското обединување, ослободувањето на македонскиот народ, човек на кој му должиме многу. Како денешни генерации, треба да се бориме да го продолжиме неговото дело, да го сочуваме оа коешто сме го наследиле, затоа што живееме во едно судбоносно време, кога носиме одлуки за иднината на нашите генерации. За да носиме одлуки за иднината на нашите генерации, мораме да погледнеме во минатото  и да дадеме значење на вакви личности коишто го положиле својот живот,“ истакна штипскиот градоначалник Иван Јорданов.

Престојот и учителствувањето на Гоце Делчев во Ново Село, оставило голем печат во организирањето на револуционерната борба во штипско.

„Во есента 1894 година Гоце Делчев добил учителско место во штипско Ново Село, кадешто веќе работел Даме Груев. Тука влегол во редовите на Македонската револкуционерна организација и активно се вклучилво проширувањето на организационата мрежа во околните градови и села“, кажа во своето обраќање посветено на раѓањето на македонскиот револуционер, наставникот во ОУ Гоце Делчев, Зора Митев.

 

Во зградата на ректоратот  на Универзитетот Гоце Делчев уредена е спомен соба, која што ги чува спомените од времето на престојот и учителствувањето на Гоце делчев во Ново Село.