Штипската власт годинава се насочува кон реконструкција на улици, тротоари и водоводни и канализациски мрежи. Градоначалникот Иван Јорданов вели дека и покрај енергетската криза, огромните долгови и ограниченоста на буџетот на општината, нивото на инвестиции е проектирано на 37 отсто од вкупниот буџет за 2022.

Само во првиот квартал на годината ќе се почне со реконструкции вредни над 100 милиони денари.

– Веќе распишавме тендери за целосна реконструкција на улицата Кежовица во Ново Село, улиците Стив Наумов, Пане Гочев и Бел Камен во Исарот кои ќе добијат комплетна промена на водоводната и канализациона мрежа. Тендер за асвалтирање има распишано за улиците: Лески, Ристо Стојков, Баница, Ванчо Китанов, Сутјеска, Пиринска. На Пиринска ќе се уредува паркинг просторот спроти трговскиот центар Дујле, ќе се уредуваат улици во поранешната метална, ќе се асвалтира улицата Јосив Ковачев, а ќе се уредува тротоарот и ќе се асвалтира улицата Васко Карангеловски, рече Јорданов.

Тој најави дека во завршна фаза е проектот „Штип без кал“, со кој асвалт ќе добијат улици во населбите Балканска, Железничка, Караорман, Чардаклија и Плуждино, кои досега никогаш не биле асвалтирани.

Како приоритетен проект Јорданов ја спомена и главната крстосница во населбата Сењак, која ќе се проширува веднаш штом временските услови го дозволат тоа.

– Во однос на тротоарите, веќе е распишан тендер за реконструкција на патеки за пешаци на улицата Партизанска во Осми Ноември, дел од тротоарите на улицата Кристијан Карпош и Вардарска, Партизанска кај Дом на млади, улицата Гоце Делчев од црквата Свети Никола до автобуската страница, улицата Крсте Мисирков до Васил Главинов и улицата Браќа Даневи, рече Јорданов.

Јорданов најави и дека се во постапка за распишување тендер за конзоли на река Отиња, со што ќе се прошири главната сообраќајница во централното градско подрачје.

До крајот на годината како што рече во Штип ќе се инвестираат повеќе од 250 милиони денари за капитални инвестиции.

– Ќе ги асвалтираме и ќе ја промениме водоводната и канализациска мрежа на сите улици во населбата Автокоманда, вклучувајќи ги улиците Браќа Даневи, Солидарност, Широк дол и Петти конгрес, рече Јорданов.

Во март се очекува да започне реализацијата на долгоочекуваниот проект за новата водоводна линија, линијата 2.