Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски го потпиша договорот за проектот „Крушево и Елбасан – препознатлива прекугранична туристичка дестинација“ вреден 744 илјади евра.

„Денес го потпишав договорот со кој официјално започнуваме со имплементација на уште еден проект од областа на туризмот. По имплементацијата на проектот „Кругот на адреналинот – развој на авантуристички туризам во Крушево“ кој достигна сума од 700 000 евра продолжуваме со овој голем проект кој ќе донесе подобрување на туристичка инфраструктура, помош за угостителскиот сектор и поголема промоција на Крушево во меѓународни рамки. Туризмот е наш приоритет и тоа е иднината на општина Крушево.“, изјави градоначалникот Христоски по потпишувањето на договорот.

Проектот опфаќа изградба на паркинг во параглајдинг центарот во Крушево, поставување на 2 мерни станици на полетувалиштето за параглајдинг, ЛЕД осветлување на објектите од култура и изградба на патека за „даунхил“, планински велосипедизам. Од страна на општина Крушево ќе се имплементираат и различни видови на обуки и настани за градење на капацитетите на угостителскиот сектор.

Во проектот покрај општините Крушево и Елбасан се вклучени и две невладини организации од двете држави.

Активностите се дел од Прекугранична програма  Македонија – Албанија во рамки на Пред пристапен инструмент, алокации од 2018 – 2020 година.