Да не се повтори тажната слика од ланското лето, кога пожарите уништија цели шуми, а страдаа и луѓето од овие простори, е пораката што денеска од Свети Николе ја упати германската амбасадорка Анке Холштајн. Во функција на оваа порака е и донацијата, која преку Министерството за надворешни работи на Германија денеска им беше предадена на три доброволни противпожарни друштва. ДПД од Свети Николе, дојранските доброволци и волонтерите пожарникари од „Бајрам Мифтари“ од Чаир заеднички аплицирале и преку проект ја добиле опремата што им е неопходна за спасување и справување со елементарни непогоди.

Сите три друштва добија мотори за испумпување на вода, црева, напретници , односно рачни гасачи на оган, клешти, маски, огноотпорни чизми што издржуваат температури до 300 степени, радио станици. Заеднички ќе користат четирицикал, со кој ќе може да се искачуваат стрмните и тешко проодни места.
-Нашите друштва се оспособени за сите можни типови интервенции. Тука спаѓаат урбани пожари, шумски пожари, пожари на отворен простор, сообраќајни несреќи, земјотреси, поплави, спасување од длабочини и височини… Ова што го добивме е од круцијална помош за граѓаните. Со ова значително се зголемува потенцијалот на сите друштва и на сите единици што се инволвирани во донацијата, вели Кирил Михајловски од ДПД Свети Николе.


Оваа опрема, како што вели амбасадорката Холштајн, ќе помогне доброволците да се справат со елементарните непогодни, особено со пожарите. Како што покажа минатото лето, токму доброволците се во првите редови во одбраната од катастрофата.
-Доброволците се често во првите линии при справување со катастрофи. Ние, на германски велиме: „Волонтерската работа е китот на едно општество. Таа го држи општеството заедно и дава придонес кој нема цена“. Без волонтерството во спортот, нега на болни и изнемоштени лица при згрижување на бегалци, работа со ранливи групи граѓани, нашите општества не би можеле да функционираат. Ова особено важи за доброволните пожарникари, рече амбасадорката Холштајн.


Домаќин на денешната средба беше градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев. Тој искажа благодарност за германската донација, а изрази подготвеност за поблиска соработка, особено во економијата.
-Разменивме идеи и исто така се надеваме дека ќе имаме понатаму плодна соработка на кое било поле. Исто така, сакам да напоменам дека јас кога градоначалник и Општина Свети Николе и локалната самоуправа ќе има целосна поддршка на Доброволното противпожарно друштво и нашите врати секогаш ќе бидат отворени. Се надеваме дека оваа економска криза поттикната од Ковид 19 во оваа 2022 година ќе помине и нормално соработката на економски план и преку „Мода“ и преку други економски оператори, ќе биде продлабочена и ќе продолжи понатаму, изјави градоначалникот Владев.


Во Македонија работат 16 противпожарни друштва. Светиниколското е едно од поактивните и подобро опремените. Подготвеноста на доброволците во секое време да излезат на терен и да им помогнат на граѓаните беше вреднувано и од Општината Свети Николе, која на празникот на градот, Свети Никола, додели признание на Доброволното противпожарно друштво.