Град Скопје преку редовна комуникација со граѓаните секојдневно ги решава проблемите на скопјани, откако во функција ја стави електронската адреса 24@skopje.gov.mk. На истата за 18 дена се пристигнати 467 барања, а решени се 388, останатите се во фаза на решавање.
Овој проект на новата градска администрација и градоначалничката Арсовска е со цел граѓаните да можат на брз начин да пријавуваат проблеми, а службите се задолжени да одговорат на барањата и да ги решат во рок од 24 до 72 часа. Отворањето на електронската адреса за комуникација со граѓаните е само дел од проектот Отворен град 24 часа.
Најголем број од барањата се однесуваат на субвенции за велосипед, сообраќајни проблеми, пресметки на комуналии, барања до ЈП „Паркови и зеленило“ за уредување на парковите и зелените површини, утврдување на незаконски градби по кои барања е даден налог до инспекторите да постапуваат.
Со ваквиот начин на комуникација Град Скопје станува поблизок до скопјани и има за цел преку непосреден однос со граѓаните да ги реши сите проблеми кои ги имаат.