Гевгелија е една од општините која поради еднострано раскинување на договорот со компанијата, која на тендер го доби договорот за снабдување со електрична енергија, се соочи со големи сметки за уличното осветлување. Општината во пакет со четири општински установи до раскинувањето на договорот се снабдуваше од компанијата „У-пауер“, која во септември информирала дека повеќе нема да снабдува со струја, по што беше наплатена банкарската гаранција од 400.000 денари. Но, тоа не ја спаси Општината од големите износи што веќе го плати со сметките за улично осветлување.
За илустрација, едногодишниот договорот со „У-пауер“ изнесувал 9,4 милиони денари, додека само за еден месец, со новата цена што ја добила од ЕВН Хоме, во ноември за улично осветлување, Општината платила 3.200.000 денари. Или ако порано за сите четири иннституции и за јавното осветлување се плаќало по 500.000 денари месечно, само за уличните сијалици скокна за 5-6 пати.
Со растот на цената на електричната, Општината, која преку договорот со „У-пауер“ се снабдуваше со енергија по цена од 4 денари за киловат час, се соочи со цена од 18 денари.
-Во овие 34 дена колку што сум градоначалник, интензивно работев на овој проблем. Посетив неколку општини да видам како тие се справуваат со тој проблем, неколку правни лица, кои работат во оваа дејност, со цел што побрзо да ја намалиме сметката за уличното осветлување. Во Гевгелија имаме околу 4000 улични ламби, од кои само 600 се лед (штедливи) ламби, помали потрошувачи, а останатите се натриумови и живини. На крајот заклучивме да одиме со поевтина варијанта, односно замена на сите тие 3400 ламби, да ги замениме со лед светилки, како најбрзо решение за намалување на сметката уште во месец јануари, за да потоа во континуитет, повторно да почнеме да поставуваме лед ламби со арматури во догледно време кога и финансиите ќе ни го овозможат тоа, рече за ММС новиот градоначалник Андон Сарамандов.
Освен решението за целосна реконструкција на уличното осветлување, со цел намалување на трошокот за електрична енергија, воведени се и други привремени мерки за заштеда на електрична енергија. Одлучено е да се воведат рестриктивни мерки, односно делумни исклучувања во мрежата на јавното осветлување, и тоа на сообраќајниците- булевар „Гевгелија“ и улицата „Миле Пецанов“, така што канделабрите работат на принципот преку една сијалица. Засега, нема да има рестрикции во уличното осветлување на останатите сообраќајници.
Енергетската криза што ги тресе општините беше тема на конститутивната седница на новиот Управен одбор на ЗЕЛС, од каде е најавено дека се бараат начини и преку интервенција на централната власт да им се помогне на општините.