Во посета на Крива Паланка беше кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо

Градоначалникот на Oпштина Крива Паланка, Сашко Митовски денеска оствари средба со кинескиот амбасадор во РС Македонија, неговата екселенција Џанг Ѕуо. На средбата, градоначалникот  Митовски и амбасадорот Џанг Ѕуо, разменија мислења и информации и разговараа за перспективите и формите за понатамошна успешна соработка на сите полиња од заеднички интерес.

Во рамки на денешната посета, амбасадодорот  Џанг Ѕуо и градоначалникот Митовски направија обиколка на новото урбано детско катче, опремено со реквизити за игра и забава на најмладите жители на општината, кое беше изградено токму со донацијата обезбедена од страна на Амбасадата на Народна Република Кина.

Градоначалникот Митовски се заблагодари за денешната посета на амбасадорот Џанг Ѕуо, како и за досегашната соработка и директната помош од страна на Амбасадата на Народна Република Кина.

– Благодарение на помошта на Амбасадата на Народна Република Кина, го започнав мојот мандат со реализација на проект за најмладите, кој воедно е и моја приоритетна програмска определба, и на мое огромно задоволство со овој проект централното градско подрачје доби нов и повесел лик, исполнет со многу детски насмевки и пријатен детски жагор. Ова можеби е мал проект, но има големи ефекти за најмладата популација од нашата општина, изјави градоначалникот Сашко Митовски.

Амбасадорот Џанг Ѕуо истакна дека, амбасадата на Народна Република Кина ќе продолжи да ја поддржува  Општина Крива Паланка преку програмските насоки  и грантови, се’ со цел да се унапреди соработката во најважните области и полиња од заеднички интерес за обете страни. Како што беше нагласено, Кина е голема и импресивна земја, со импресивна култура и има можности за соработка во многу полиња, како што е економијата, технологијата, културата, алтернативната кинеска медицина итн.