Активно функционира електронската адреса за комуникација на Град Скопје со граѓаните 24@skopje.gov.mk како дел од програмата за отворен град 24 часа. Во првите 24 часа до Градот се испрати 51 барање од граѓани и истите се процесирани од градската администрација, информираат од Град Скопје.

Преку новата електронска адреса, граѓаните пријавуваат проблеми и барања до Град Скопје, а најголем број од нивните пријави се однесуваат на проблеми  поврзани со сообраќајот, инфраструктура, комунална хигиена,  како и барања за поголема ажурност на секторските одделенија даноци, урбанизам и целокупната градска администрација. Голем дел од барањата на граѓаните се веќе решени, а преостанатите се во процес на решавање.

Градот Скопје на овој начин овозможува подобри услуги за граѓаните, транспарентност во работата, преку целосно дигитализирана администрација која ќе биде во служба на граѓаните.