Во првите 9 месеци од 2021-ва година „Комуна“ забележува позитивни текови по однос на трошоци, наплата и намалување на загубата споредено со првите 9 месеци од минатата година.
Финансискиот извештај на „Комуна“, кој беше усвоен на 4-тата седница на Советот на општина Крушево, бележи зголемување на приходите за вода во домаќинствата во град Крушево и сите населени места. Ова покажува дека се зголемува наплата и системот за оваа проблематика се подобрува. Со тоа претпријатието ќе може да обезбедува и поквалитетни услуги.
Кога се работи за водоснабдувањето ЈП „Комуна“ Крушево повторно апелира граѓаните да ја користат апликацијата за испраќање на состојба на водомер достапна на интернет страницата komunakrusevo.mk. Со ова се обезбедува поверодостојна пресметка и намалување на контактот меѓу вработените во „Комуна“ и граѓаните во време на корона криза.
Во однос на останатите приходи забележано е зголемување кај чистотата и приходите од паркинг, додека во делот за гробиштата и пазарот има мало намалување.
Во однос на трошоците на претпријатието исто така трендовите се генерално позитивни. Намалување се забележува кај трошоците по основ на камати и тука намалувањето е неколкукратно. Зголемување се забележува кај трошоците за електрична енергија, но тоа зголемување е мало во споредба со минатата година, истиот период.
Врз основа на сите резултати од финансискиот извештај загубата на „Комуна“ е преполовена што значи дека претпријатието ја подобрува својата ефикасност, но се’ уште е отворен просторот за да се намали овој негативен финансиски резултат.