Промовиран првиот уличен продавач на месечникот „Лице в лице“ во Делчево

Низ улиците во центарот на Делчево, денеска по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, а во рамките на манифестацијата „Денови на хуманоста“ беше промовиран првиот уличен продавач на весникот  „Лице в лице“ –месечник кој го промовира моделот на социјално претприемништво.

Далибор Станковски е уличниот продавач на весникот. Тој е познато лице во количка од делчевската чаршија и за него е ова прво вработување и прва шанса за остварување сопствен приход.

Првиот примерок од весникот го купи градоначалникот Горан Трајковски кој му посака успешна работа, но и ги повика сите институции и поединци да дадат поддршка на Далибор.

– Далибор ќе биде првиот продавач во Источна Македонија на уличното списание „Лице в лице“ кое претставува социјално претпријатие за работна интеграција. Ова е одличен пример за поттикнување инклузија и има двојна улога – ги засилува ранливите сограѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас. Му посакуваме успешен почеток како  продавач и најавувам дека Општина Делчево ќе биде редовен купувач на ова списание, но и на  убаво изработените новогодишни честитки. Апелирам, овој пример на Општината да го следат и другите институции во Делчево, бидејќи само така, даваме конкретен придонес и поддршка на продавачите за градење вештини за нивно вклучување на пазарот на трудот, истакна градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.

Иницијатор на активноста е Здружението „Бравура кооператива“ од Делчево од каде потенцираат дека „Лице в лице“ е моќна тетратка каде сите заедно ќе пишуваме и оставаме своја трага да влијаеме кон позитивни промени – за изедначување на можностите и за креирање на општество по мерка за сите.