Во врска со информациите за енормното загадување во општина Струмица со ПМ10 честички, општина Струмица ја информира јавноста дека подолг временски период ја следи и анализира состојбата со загаденоста на воздухот на територијата на општина Струмица и превзема мерки. Конкретно заради транспарентност и отчетност, а се’ со цел заштита на животната средина, во соработка со Министерството за заштита на животната средина и просторно планирање на Република Македонија, инсталиравме мерна станица за мерење на загадувањето на воздухот.
Мерната станица за загадување на воздухот во моментот е во пробна работа и затоа параметрите добиени во овој период треба да не се земаат во предвид. По завршувањето на сите активности како што се баждарење и калибрирање на инструментите во самата мерна станица, ќе можеме со сигурност да ги следиме отчитувањата и да сме сигурни дека загадувањето на воздухот на територијата на општина Струмица е на повисоко ниво од дозволеното.
Од анализите кои ги правиме се покажува дека во најголем дел загадувањето на воздухот во зимскиот период, произлегува од домаќинствата и одредени големи потрошувачи кои употребуваат несоодветни фосилни горива (иверица,стар намештај, моторни масла, прехрамбено масло, пластика, гуми и други несоодветни горива) за загревање на просторните капацитети.
Со цел да го заштитиме здравјето на граѓаните и овозможиме чист амбиентален воздух, во периодот зад нас го почнавме проектот за гасификација на општина Струмица. Како пример, општина Струмица ги гасифицираше сите институции во надлежност на Општината. Гасификацијата како мерка и на институциите на територија на општина
Струмица и на домаќинствата и производствените капацитети, е најдоброто решение за справување со загадувањето на воздухот.
Покрај заложбата на Општината, апелираме до граѓаните да внимаваат каков вид на фосилно гориво употребуваат. Возачите на сите моторни возила да го редуцираат своето движење во градот посебно имајќи го предвид фактот дека во Струмица многу лесно и со пешачење се завршуваат најголем дел од основните потреби на луѓето.
Инспекциските служби во надлежност на општина Струмица засилено ќе го наблудуваат теренот и ќе вршат контроли посебно во сите стопански субјекти, дали истите ги спроведуваат нормативите во нивното производство и загревање на просториите согласно употребните дозволи за заштита на животната средина. Сообраќајните и комунални инспектори во соработка со СВР Струмица ќе ги отстрануваат оние моторни возила кои незаконски вршат загадување на воздухот како учесници во секојдневниот сообраќај.
Истиот инспекциски надзор ќе биде континуирано спроведуван и над домаќинствата, а во врска каков вид на гориво користат.
Свесни дека решавањето на овој проблем не се постигнува со краткорочни мерки за општина, како што е Струмица, ќе ги зголемиме заложбите кон надлежните министерства своите институции кои ги имаат на територијата на општина Струмица веднаш да почнат со планирање за замена на фосилните горива со природен гас.
Секако, општина Струмциа ќе стои на располагање како и досега за било каков вид на помош за информации и техничка подршка за побрзо и поефикасно гасифицирање. Општина Струмица ќе продолжи да ја следи состојбата, а по добивањето на релевантните податоци и ќе предлага соодветни итни мерки, стои во соопштението од општина Струмица.