По повод Светскиот ден на учителите, 5 октомври, Општина Штип им додели плакети на петте основни училишта во општината за успешно реализирање на наставата во време на ковид пандемија.
За разлика од минатите години кога поединечно беа наградувани наставници, годинава секој наставник е херој.
Раководителката на секторот за образование во општината, Билјана Казанџиска, вели дека со овој мал гест сакаат да им покажат на наставниците дека се вреднувани поради напорот кој вложија да се адаптираат на новата нормалност и онлајн наставата.
-Сакам да истакнам и дека како општина заедно со директорите на училиштата имаме направено големи инвестирања во училишните објекти, дворовите и за спортските сали. Посебно водевме сметка за набавка на современи нагледни средства во училниците, со кои наставниците директно работат, а им се потребни за успешна реализација на образовниот процес, рече Казанџиска.
Во знак на сеќавање на 5 октомври 1966 година, кога е усвоена Препораката на Меѓународната организација на трудот – МОТ и на УНЕСКО, во врска со статусот на учителите/наставниците, во 1994 година овој ден е прогласен за Светски ден на учителите.