Предизвикот да се поврзат со инфраструктура сите 41 населено место, луѓето да имаат прво проодни и асвалтирани патишта, чиста вода за пиење, адресирани сите основни потреби на граѓаните, е пред секој градоначалник на големата по површина Општина Новаци. Општината има огромна површина од границата со Грција кај Меџитлија па се’ до Прилепско, вклучувајќи ги и пространствата на Мариово, а само околу 3500 жители. Има села од над 1000 жители, но и такви со пет или 10 жители. На сите потребите им се исти. Со овој предизвик во 2017 година се зафатил  градоначалникот на Општина Новаци, Љубе Кузмановски, кој целиот свој работен век, над 30 години, го поминал во Рударско – енергетскиот комбинат РЕК од Битола, за кој што самиот вели дека добро ја познава секоја негова педа земја, секој сектор. Од својата партија, СДСМ ја доби довербата за втор мандат во оваа општина. Кузмановски по своето речиси четиригодишно искуство, смета дека за градоначалникот е важно да биде од збор, додека успешноста во неговото работење зависи од тоа како ќе се постават односите со луѓето.

На почетокот на нашето интервју, на прашањето како да се одговори на потребите на дури 41 населено место Кузмановски беше дециден: Ако се сака се’ се може.

-Се стремиме кон сите места да имаме афалтен пат. Останува само уште кон едно место од Старавина кон Будимирци, патот во должина од 4 километри, 2 километри не се асвалтирани. И за тоа имеме обезбедено проект од програмата на Владата. Имаме и уште два други проекти, во тој дел немаме проблеми и тоа се решава, вели Кузмановски.

Општината Новаци всушност е позадински актер во сите понови македонски филмови преку бескраните површини и старите куќи на Мариово. Но, тоа е и општина, која во еден дел живее и инвестира од концесиите на два големи македонски гиганти – РЕК, во срцето на Новаци и ЗКП „Пелагонија“ со огромните површини и имотот што го поседува.

-ЗКП „Пелагонија“ е приватна компанија, но имаме соработка. Дел од земјиштето е под концесија во атар на општина Новаци и земаме дел од концесиите. РЕК е комплетно на наша територија и благодарение на концесијата можеме да направиме, да средиме. Ова се средства што ги добиваме на секои три месеци, објаснува градоначалникот на Новаци.

Концесиите даваат комоција за планирање

Голем дел од жителите на општината живеат од РЕК, а веќе од јуни следната година, се очекува значаен број на вработени да заминат во пензија, што им отвора простор на младите, таму да ја најдат својата егизстенција. Проблемот со загадувањето, според Кузмановски, е намален последните години.

-Во последните четири години доста е сменето во однос на загадувањето. Претходно неколку населени места имаа проблем, поради тоа што одлагањето на пепелта беше на депонија и со поголем ветер се носеше наоколу. Сега пепелта се одлага во касети, кои се затрупуваат. Може да се случи инцидентно, како пред 2-3 недели во едно населено место, при силен ветер којшто креваше покриви, да има и разнесувањето на пепелта, рече Кузмановски.

Градоначалникот на Новаци смета дека малите општини располагаат со мали буџети, не можат да отскокнат, туку имаат толку пари колку да поделат плати, да добијат средства од централната власт и реализираат по некој инфраструктурен проблем. Тоа не е случај со Новаци, каде поради концесиите, ја има комоцијата да планираат. Меѓутоа, тоа планирање е во координација со месните заедници и потребите на луѓето на терен.

-Секоја година со месните заедници покрај месечните контакти, околу ноември пред подготовката на Буџетот, имам средби со нив. Идеите што ќе правиме и од нив произлегуваат, во 90% ги прифаќаме, бидејќи треба да им се направи она што им треба, не тоа што јас сум сакал. Затоа имаме успех. Идеите се според буџетот, не може да се планира ако немаш пари, туку треба реално да се планира. Ако така настапиме ќе имаме успех, е ставот на Кузмановски.

Градоначалникот да биде од збор

Потребите на граѓаните диктираат прво сите населени места да се поврзат со асвалт. Градоначалникот Кузмановски вели дека критично да се поврзат селата од Мариово,каде има потенцијал за развој на меморијалентуризам.Тоа е простор каде во Првата Светска војна престојувала армија од 200.000 војска стационирани таму, и тој пат да се направи најбрзо што може.

Поврзувањето на патиштата придонело сега да има мнногу повратиници, кои живееле во Битола, акои сега се враќаат и особено во летниот период сакаат да бидат таму.

-Тоа е тоа што мене ме исполнува. Многу луѓе ми велат – „во 2017 година бевме скептици кога кажувавте за препородот на селата. Сега сликата за одредени луѓе и функции ни се менува“. Помина времето кога можеш да ветиш и да си заминеш. Мое мото е: На никој не смееш да му ја потцениш интелигенцијата. И да се ветува она што е реално. Ќе дојде моментот кога ќе се соочиш со големите ветувања.  Со какво лице ќе ги погледнам, ако сум ветил и не сум исполнил?!, прашува Кузмановски.

Новаци во еден дел се потпира на проектите за прекугранична соработка и особено се горди на соработката со соседна Грција, со која работат четири проекти. Деновиве завршува проект со кој се набави механизација, која помага да се собере и обработи биомаса за новата градника во соодветен  котел за загревање на капацитетот, исто така набавен преку проектот. Пандемијата им ја усложила соработката, поради тоа што една година не можеле физички да контактираат и тука малку застана работата. Електронската комуникација не е иста со таа лице в лице и ја забави и реализација на идеите, како проектот за селото Зовиќ, каде поранешно училиште треба се пренамени во објект за рурален туризам со четири апартмани. Исто и со селото Градешница, каде е планирана пренамена на општински објект за сместувачки капацитет.

-Не се жалиме, може уште подобро,а со децентралзиацијата ќе има уште пари и со прекугранична соработка. За четири села се прават проекти за вода за пиење со нов цевковод. Само во едно село тој проект е во висина од  427.000 евра со секундарна мрежа, потоа уште во три други. Остануваат уште многу проекти за реализација, како пречистителни станици за подобра екологија и отворениот базен, планиран за во Новаци, со сите придружни елементи и инфраструктура. Имаме средства и тоа останува за реализација, меѓу бројните проекти во Програмата за работа во следните четири години, вели Кузмановски.

Идеите за развојот на Општина Новаци сега се ставени на парчиња хартија, која како што вели градоначалникот Љубе Кузмановски, еден по еден се реализираат, базирани на потребите на сите жители.