Легендата вели: Во Свети Николе постоеле околу 40 цркви. За време на турското владеење сите цркви биле уништени само најубава и единствена која останала е црквата Св.Никола затоа и името на овој град е Свети Николе.

Овде мештаните топло ќе ве пречекаат и ќе Ви препорачаат што да посетите во нивното мало, но волшебно место.

  • „ Прво и основно мора да се види нашата преубава црква „Свети Никола“… има и тука што да се види, може да се прошета низ градот, низ паркот, има дискотеки, кафанчиња, локали за младите … Локалитетот „Црнилиште“, Ѓуриште е атрактивно место – велат граѓаните на Свети Николе“.

Во Овчеполието деновиве е еуфорично, празнично, Свети Николе е епицентарот на низа случувања посветени на нивниот патрон – Свети Никола.

Во име на светецот, заштитникот на морнарите, на морињата и светецот кој сиот свој имот го распродал за да им помага на сиромашните, речиси 60% од семејствата во малото градче ги полнат трпезите со посни јадења.

  • „Како и секоја година, така и оваа празникот го славиме со подигање панагија, се собира семејството на едно место да вечера … Посно гравче, сарма, риба … Погача … Салата од печурки, тиква, баклава …“- ни открија што вечераат на овој голем ден.

Дедо Мраз е модерна верзија на Свети Никола, но во ова место во Овчеполието сепак се негува традицијата Свети Никола да дарува!

  • „ Да, да, задолжително! Пред некој ден Свети Никола и донесе подарок на мојата внука“ – ни откри еден од случајните минувачи.
  • „ Во Свети Николе уште се почитува оваа традиција. Како прво Центарот за социјална работа пред СВ. Никола и Божиќ на социјално загрозените семејства им дели паќети со посни јадења, а донираат и хуманите луѓе колку можат и колку имаат“- рече Славица Димова, вработена во Општина Свети Николе.

Секоја година локалната самоуправа на Свети Николе со низа активности го одбележува како што велат, за нив овој голем ден.

  • „Реализираме низа настани по повод патронот на градот, почнувајќи од вечерната литургија во црквата „Св. Николај“, а се одржа и свечената академија каде се доделуваат многу благодарници и признанија “ изјави Сашо Велковски, градоначалник на Општина Свети Николе.

Во категоријата просветен работник за учебната 2017/18 година со признание се закити Иле Михајловски, а со плакети дома си заминаа и пензионираните просветни работници: Николетка Панева – дипломиран професор по одделенска настава  и Иванка Митрова – наставник по пијано и теорија на музика.

  • „ Ова признание ми е од огромно значење. Го подарив мојот концертен клавир на ЦК Крсте П. Мисирков за помладите да го користат“ – со емоции ни раскажуваше Иванка Митрова, пензиониран наставник по пијано и теорија на музика.

Признанието за „Животно дело“ го доби маестро Кирил Трајковски, кој пред една недела со целовечерен концерт на градскиот мандолински оркестар „Свети Николај“ одбележа јубилеј – 50 години работа со мандолинскиот оркестри во Свети Николе.