ММС, 25.09.2018
Петнаесетина фолклорни ансамбли, од кои седум од странство, а останатите од Македонија, настапија на 33. издание на меѓународниот фолклорен фестивал „Истибањско здраво-живо“ што се одржа од 15 до 19 септември.
Домашните и странските ансамбли традиционално прво настапија на свеченото отворање во саботата, на 15 септември во Истибања, гостуваа и во соседната Македонска Каменица, во понеделникот во Виница го заиграа најголемото оро со танци на народите, а со дефиле и со финален концерт на сите учесници Фестивалот заврши во средата вечерта на виничкиот плоштад „Ангел Винички“.
Стојко Митковски, директор на Фестивалот, вели дека, како реномиран детско-младински фестивал за учесници од 12 до 18 години, „Истибањско здраво-живо“ е дел од светските организации на УНЕСКО – ЦИОФ и ИОФ, а во изминатите 33 години на него годишно настапувале во просек по 15 до 20 домашни и странски фолклорни ансамбли, при што се склопиле многу пријателства меѓу млади луѓе од целиот свет.
„Горди сме што Фестивалот поврза многу луѓе од целиот свет“
– Една од главните цели на Фестивалот е и зближување на нашите млади со младите од светот. Се изродија многу такви другарства и пријателства што траат и со години, се склучија и повеќе бракови. Многумина што се спријателија млади со врсници од странство сега се и семејни пријатели, па си одат на гости. Горди сме што Фестивалот поврза многу луѓе од целиот свет – истакнува Митковски.
Организатор на Фестивалот е фолклорниот ансамбл „Китка“ од виничкото село Истибања, кој го нарекуваат и амбасадор на македонскиот фолклор зашто годишно настапува на по повеќе од десет реномирани фолклорни фестивали, од кои барем половината се во странство, а на нив речиси редовно освојува награди и признанија. Ансамблот постои 43 години и има повеќе од 300 активни членови од Истибања, но и од Виница и од околните села. Ретко кој во Истибања не е игроорец или песнопоец. Изворниот фолклор се пренесува од генерација на генерација, па „Китка“ има детска, младинска и ветеренска група, а во нив играат, свират и пеат фолклористи од седум до 77 години.
Шеесетгодишниот Мијалчо Гаврилов 23 години е дел од „Китка“. Среќен е што со ансамблот пропатувал низ многу земји репрезентирајќи го македонскиот изворен фолклор. Љубовта во орото и песната ги наследил од своите родители.
– Љубовта во фолклорот ја наследив од моите родители, кои по потекло се од Блатец. Како песнопојка, мајка ми и членуваше во „Китка“, а со неа и настапуваше во странство – вели Гаврилов.
Другарувањето и зближувањето на младите во преден план
Задоволство од учеството на годинашното „Истибањско здраво-живо“ изразија и гостите од Литванија, Турција, Словенија, Косово, Хрватска, Бугарија и од Молдавија. Николина Лукетиќ – Делија, уметничка раководителка на КУД „Клек“ од Огулин, Хрватска, рече дека, по гостувањето во Охрид пред една деценија, ова бил втор нивни фестивал во Македонија и останале многу задоволни од седумденевниот престој во Истибања и во Виница.
– Благодарни сме им на организаторите за одличниот фестивал, но и на родителите на многу деца и млади од Виница и од Истибања, што овозможија нашите млади фолклористи да ноќеваат во нивните домови. Тоа е посебно доживување – да другаруваат, да ја почувствуваат вашата култура, да ја запознааат македонската кујна… Им беше многу убаво – потенцира Лукетиќ.
Тринаесетгодишната Петра Стипетиќ од Огулин, пак, е првпат во Македонија.
– Првпат сум тука, но запознав и се спријателив со многу луѓе. Ми беше многу убаво и повторно би дошла – истакнува Петра.
Чувари на обичаите, ората и песните
Ансамблот „Пиринче“ од Благоевград има 35-годишна традиција. Раководителката Ѓергана Грозданова истакнува дека во октомври годинава првпат и тие во Благоевград ќе организираат фолклорен фестивал, на кој годинава ќе настапеле само бугарски ансамбли, а в година ќе станел традиционален, па „Ќитка“ од Истибања ќе била меѓу првите поканети.
– Првпат сме на „Истибањско здраво-живо“. Многу сме задоволни од Фестивалот, од односот на домаќините, на другите ансамбли, од успешните концерти. Овие пет-шест дена за нас беа како празник – вели Грозданова.
Покровител на „Истибањско здраво-живо“ е Општина Виница, а Фестивалот е поддржан и од Министерството за култура. Градоначалникот Ивица Димитров на свеченото затворање, меѓу другото, истакна:
– Она што е најважно за нас, како домаќини, е дружењето на младите фолклористи, позитвните вибрации, задоволството и насмевките на нивните лица. Наша обврска е да ги поддржуваме новите генерации да ги негуваат и чуваат обичаите, ората и песните. Тие се наше културно и историско наследство – нагласи Димитров.