По пауза од неколку години, оваа година се очекува да продолжат работите на локалитетот Била Зора од Свети Николе, за што денеска беше потпишан меморандум за разбирање меѓу Општина Свети Николе и Филозофскиот факултет од Скопје. Ќе се врши ископување, а потоа и конзервација на малку истражениот древниот локалитет, кој бил седиштето на Пајонците и Пајонија, како столб на Античките Македонци.
-За среќа го имаме кај нас и Пајонија и Пајонците се ексклузивно врзани за нашата територија, така што кога Хомер пишува за Пајонците не постоеле ни Хелени ни Македонија. За нас е многу значајно бидејќи на Балканот имате само неколку престолнини, а една меѓу нив е Била Зора. Со ова сакаме да го ревитализираме истражувањето да продолжиме со конзервација на наодите ,изјави Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет од Скопје.
До Била Зора веќе има изградено инфраструктура, што го олеснува почетокот на работите на локалитетот, кој како што вели градоначалникот Дејан Владев и од локалната власт е препознаен како значаен објект од културно историското наследство на светиниколчани, но и потенцијал за туристичкиот развој на градот.
-Во програмата на тогашниот кандидат, а сега градоначалник Дејан Владев стоеше дека посебно внимание ќе посветиме на Била Зора и да ја вратиме на местото кое заслужува. Бидејќи вакви наоѓалишта на Балканот и во светот има многу малку и мора да почнеме да си го цениме тоа што го имаме, мора да бидеме горди на нашата историја, бидејќи народ без историја не е народ, изјави на потпишувањето Дејан Владев, градоначалник на Свети Николе.
Наш сон е тука да има илјадници туристи во посета на овој атрактивен локалитет, кој е еден од ретките во светот, вели деканот Дуев. Но, останува и проблемот со експропријација на околното земјиште, каде би се вршеле ископувањата, кои сега се приватен имот.
Експропријацијата, според градоначалникот Владев е обврска не само на општината, туку и на Заводот и музеј од Штип. Од своја страна, општината планира свои средства со кои би се поддржала работата на локалитетот.
Била Зора е локалитет кој датира од рано бронзено доба. До 2017 година се правени истражувања и дел од наодите се поместени во збирка на изложени експонати, што можат да се видат во Музејот на Свети Николе, институција во надлежност на општината. Има уште многу да се работи, а како што вели деканот Дуев, овие рани локалитети, кои зборуваат за присуство на цивилизацијата пред Античко време се предмет на интерес на над 5000 професори по античка историја и археологија, а богатство за еден регион, како што е Овчеполието.