Во чест на Иван Пенов, гевгелискиот кошаркар, кој прерано и трагично го загуби животот, се организира Меморијален турнир во баскет 3×3.
Меморијалниот турнир што беше официјално отворен на 29 јули, ќе трае до 4 август, а натпреварите помеѓу пријавените екипи од Општина Гевгелија, се играат на кошаркарското игралиште позади Детската градинка „Цветови“ во Гевгелија. Меморијалниот турнир има натпреварувачки карактер, односно за победниците во категориите: 2000-2005 г., 2006-2011 г. и екипи од 4 играчи се предвидени парични награди, за прво место 400, за второ 200, а за трето место 100 евра. Ќе биде прогласен и победник во шут за 3 поени, а доделени и признанија за МВП на турнир и МВП на финале. Општина Гевгелија, за Меморијалниот турнир излезе во пресрет на семејството и најблиските на Иван Пенов, со тоа што ја даде горенаведената локација на користење со намена за јавна употреба и уредување на игралиштето. Исто така, Општина Гевгелија помогна и во машинското обележување и осветлувањето на игралиштето.
-Ваквата иницијатива е поддржана од локалната самоуправа бидејќи младиот спортист со неговото дело и придонес за развивање на гевгелискиот спорт заслужува да има спомен-обележје во градот, а ќе покенам иницијатива пред Советот на Општина Гевгелија ова кошаркарско игралиште да го носи неговото име, изјави градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Инаку, целта на оваа акција е името на Иван Пенов да остане запаметено, со тоа што игралиштето ќе го користат сите деца кои сакаат да спортуваат и играат кошарка, продолжувајќи го патот на прерано згаснатиот кошаркар.
Овој Меморијален турнир, кој се одржува во пресрет на неговиот роденден, 4 август, ќе биде традиционален.