И официјално во четвртокот премиерот Зоран Заев ја промовира новата пешачко велосипедска патека што води од Свети Николе до селото Кнежје до локалитетот Била Зора. Заедно со градоначалникот на Општина Свети Николе Сашо Велковски, владина делегација беше на увид на новата пешачка и велосипедска патека во Свети Николе, која веќе е готова и подготвена за користење. Според премиерот Заев, се работи за модерна и урбана зона, која е хортикултурно уредена со зеленило и место каде граѓаните ќе можат да се релаксираат.
-Велосипедската и пешачка патека, води од Свети Николе до археолошкиот локалитет Била Зора во с.Кнежје и е долга околу 2.100 метри. Раководството на Општина Свети Николе и покрај тоа што изминатата година како и сите ние се соочува со предивзикот со успешното совладување на здравствената и економската криза предизвикана од Ковид – 19 остана посветено на грижата за граѓаните и да продолжи со инвестирање во модернинзирање за соверемено живеење на граѓаните во повеќе области, рече премиерот Заев.
За Владата, како што рече Заев, програмите за спорт и рекреација, како и зголемувањето на зелените површини остануваат важни алки кои придонесуваат кон развој на прогресивното општество и овозможуваат стекнување и ширење на основните етички принципи особено кај младите луѓе.
-Спортските активности имаат витална улога кај младата популација, од една страна, по однос на здравјето и правилниот развој, а од друга, ги учат младите на вредностите на заедничката работа, дисциплина, делењето на успесите и наградите за постигнатите резултати, изјави Заев.
Како што информираше градоначалникот Велковски, долж патеката се посадени 1.000 садници, поставени се 66 канделабри и повеќе места за одмор.
„Патеката веќе се користи што е потврда дека вакво место за релаксација беше потребно во нашиот град”, рече Велковски.
Патеката е со вкупна вредност од околу 17 милиони денари, од кои пет и пол милиони денари кофинансира Општината Свети Николе. Останатите средства се обезбедени преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој и преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион со финансиска поддршка од Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоуправа.
Фото: Влада